Фридом Хаус: Македонија бележи назадување во демократскиот прогрес

390

Македонија бележи назадување во демоктратскиот прогрес открива извештајот на Фридом Хаус, „Нации во транзит 2024“. Ние како држава сме ставени во таканаречените „циклични хибриди“ каде сме вброени во земјите во кои редовните промени во владејачката елита не носат  значајни структурни промени и каде постојано се постојано ги политизираат и заробуваат слабите институции.

„Ниту Груевски, ниту неговите најблиски соработници не беа изведени пред лицето на правдата за нивните злоупотреби на функцијата пред 2017 година. Уште полошо, контроверзните измени на Кривичниот законик во 2023 година ги намалија казните за таквите злоупотреби, предизвикувајќи отфрлање на историските случаи додека јавноста веќе се оптеретуваше од фатални корупциски скандали во здравството. Годината, исто така, имаше поларизирачка парламентарна дебата за уставните амандмани кои беа потребни за укинување на ветото на Бугарија на кандидатурата на земјата за пристапување во ЕУ“, стои во извештајот. 

Според Фридом хаус земјите со оценка како нашата имаат тенденција да заостануваат во реформите.

„Дефинитивната карактеристика на цикличните хибриди е комбинација на вистински политички плурализам и површни институционални промени. Тие имаат тенденција да заостануваат во однос на реформите насочени кон воспоставување силни бариери помеѓу јавниот сервис и приватната добивка. Затоа е од суштинско значење да се промовираат антикорупциски механизми и судски реформи во овие земји, а процесот на пристапување во ЕУ има важна улога во овој поглед. Ако на граѓаните и на новите влади им се обезбедат алатки и стимулации за темелно искоренување на антидемократските наследства по „пресвртни избори“, цикличните хибриди конечно можат да избегаат од нивните партизирани текови и да направат вистински напредок кон демократска консолидација“, стои во извештајот. 

Ова објаснува зошто во Извештајот на Фридом хаус“ од оваа година оценката за Северна Македонија бележи опаѓање – од ланската 3.86 на 3.79.

Од оценуваните седум категории нема промени во оценката за пет – национално демократско владеење, изборен процес, граѓанско општество, независни медиуми и локално демократско владеење, а падот се нотира во две категории – судска рамка и независност, и корупција.

Земјите се оценуваат со оценка од 1 (авторитарен режим) до 7 (консолидирана демократија). За потсетување, Северна Македонија во Извештајот од 2023 година доби оценка 3.86 за демократски прогрес, и тогаш бележеше напредок во споредба со 2022 година, кога таа оценка била 3.82. Последната оценка за РСМ сега е пониска од онаа што ја имала во 2022 година.

Според извештајот на Фридом хаус“ 11 земји се во кaтегоријата хибридни режими, но и тие не се униформни, бидејќи ги карактеризираат разлики.Северна Македонија е во групата циклични хибриди заедно со БиХ, Црна Гора, Албанија и Ерменија, за разлика од Косово, Украина и Молдавија кои се во групата демократизирачки хибриди. Србија, Унгарија и Грузија се во групата автократизирачки хибриди.