NBA колумна на Димитар Младеновски-Кокаинската епидемија која се закануваше на лигата (ВИДЕО)

881

Најсилното кошаркарско натпреварување изгледаше многу поинаку во 70-тите и 80-тите години на минатиот век.
Се работи за период во кој многу често се случуваа физички пресметки, но тие не беа најголемиот проблем кој го имаше лигата. Огромен број на талентирани играчи ја зацрнија својата иднина со лоши избори, односно користење на нелегални супстанци. Ќе наведеме неколку примери.

Спенсер Хејвуд

Хејвуд претставува вистински раритет кога станува збор за премиерното “запливување” во професионалните кошаркарски води. На само 20 годишна возраст го има (можеби) најуспешниот старт на било кој кошаркар.

Во својата прва сезона, популарниот “Вуди” е прогласен за дебитант на годината а со неверојатниот просек од 30 поени и 20 скокови апсолутно ја заслужува наградата “МVP” – најкорисен играч во сезоната 1969/1970 година. Хејвуд настапуваше за Денвер Рокетс во (тогаш најпопуларната) ABA лига а веќе следната година се сели во NBA лигата каде го облекува дресот на Сиетл Супер Соникс.

Во Сиетл, поентерскиот потенцијал на Хејвуд е повеќе од очигледен, исто како и променливоста во играта и заинтересираноста на теренот. По преселбата во Њу Јорк, статистичкиот пад и честите повреди му се испречуваат на патот. Константните промени во играта (како и во расположението) имаа “дебела причина” – користење на нелегални супстанци.

Најшокантниот потег од Хејвуд се случи во Јуни 1980 година, како играч на Лос Анџелес Лејкерс. За време на финалната серија тој колабира на еден од тренинзите. По направените испитувања беше констатирано дека Хејвуд бил под дејство на опијати а тренерот на тимот Пол Вестхед го ифрла од составот. Токму неговиот тренер за малку ќе го изгубел животот откако Хејвуд ангажирал “платен убиец” за да го ликвидира својот тренер. За среќа на сите, се предомислува во последен момент.

Дејвид Томсон

Кошаркарот кој Мајкл Џордан го вбројува меѓу неговите најомилени играчи додека растел. Томсон претстауваше страшна атлета и нешто невидено за кошаркарскиот свет пред своето пристигнување на големата сцена.

Астрономски високиот одраз и поентерскиот потенцијал го прават најплатениот играч во тоа време. Во дресот на Денвер Нагетс станува еден од најдобрите играчи во првите четири професионални сезони. Потоа следуваат повреди. И покрај здравствените проблеми, популарниот “Sky walker” се враќа во голема форма, но позадината беше сосема поинаква.  

Во периодот на рехабилитација Томсон почнува да страда од анкциозност а честата осаменост го тера да најде “нов пријател”, кокаинот. На 27 годишна возраст, променливата игра го сели на клупата за резервни играчи а потоа и до размена во Сиетл. Во дресот на “соничните” за само неколку месеци се враќа во форма и повторно е избран за “All Star” играч. Тогаш следува најголемиот удар.

По само 19 одиграни натпревари (во сезоната 1983-84) на 29 годишна возраст, паѓа по скали во ноќен клуб во Њу Јорк. Тешко го повредува коленото и повеќе никогаш не заигрува.

По играчките денови доаѓаат проблемите со законот. Повеќе пати е апсен. Често беше гледан во пијана состојба а подоцна изјавува дека по завршувањето на кариерата трошел по 1000 долари дневно за кокаин. Во 1995 година ја напаѓа својата тогашна сопруга а во 1997 година завршува зад решетки. По излегувањето од затвор, најпосле се враќа на прав пат.

Мајкл Реј Ричардсон

Играчот кој беше најавуван како новиот “Меџик” Џонсон со фантастично чувство за одбрана. Станува “All Star” веднаш по пристигнувањето на големата сцена и тоа во најпознатата арена во светот, “Медисон Сквер Гарден”. Во дресот на Њу Јорк Никс, уникатниот “Шугар Реј” го покажува својот потенцијал, но и својот проблематичен карактер кој ќе го чини многу.

По промовирањето како ѕвезда во тимот, следуваат чести расправии со соиграчите и тренерите. Токму поради своето променливо однесување (и променлива игра) често ја менува средината. Најпрво се сели во Голден Стејт Вориорс а само по 33 одиграни натпревари во дресот на “воините” е разменет во Њу Џерси Нетс. Повторно е во “старата средина” – близу Њу Јорк и се враќа во голем стил. Играта му беше “ѕвездена” исто како и неговиот животен стил надвор од теренот.

Ричардсон купува неверојатни 16 автомобили по што челните луѓе на лигата вршат надзор над неговите финансии. Следува “дивеење” по ноќните клубови ширум “големото јаболко” и неколку апсења. Откако e тужен за сексуален напад, паѓа на допинг тестот е испратен на реахбилитација. Набрзо потоа е позитивен на нелегални супстанци по втор пат. По физичка пресметка во дискотека прави сообраќајка при што се констатира дека е под дејство на алкохол како и на “нелегална супстанца” кој му ја завршува кариерата во NBA.

Иако според многумина алкохолот беше главна причина за променливото однесување на Ричардсон токму кокаинот ја уништи кариерата на овој страшно атрактивен играч. “Шугар Реј” беше попопуларен во ноќните клубови отколку на кошаркарските терени.

РЕЗИМЕ

Во Јуни 1986 година, ненадејно починува големиот талент Лен Бијас. Смртта доаѓа вечерта по неговото драфтување во лигата а причина е срцев удар предизвикан од предозирање со кокаин. Ноќта кога Бијас го прославуваше влегувањето меѓу елитните беше последна во неговиот живот.

По овој трагичен настан, NBA сериозно го засили надзорот над играчите како и сериозноста на казните при прекршување на правилата. Многу работи се сменети а свеста за здравјето на играчите е на највисоко ниво. “Епидемијата” која се закануваше да ја уништи лигата е одамна завршена приказна.

NBA FAN
Димитар Младеновски