Студијата покажала: Гумите за џвакање ослободуваат микропластика во устата

165

Гумите за џвакање ослободуваат стотици честички на микропластика директно во устата, покажала студијата презентирана во вторникот, но авторите остануваат внимателни во врска со потенцијалното влијание на овие честички врз здравјето на потрошувачите.

Микропластичните честички веќе се откриени во воздухот, водата, храната, амбалажите, синтетичкиот текстил и козметиката. Луѓето секојдневно ги голтаат, ги вдишуваат или тие доаѓаат во контакт со нивната кожа.

Од белите дробови и бубрезите до мозокот, микропластиката е пронајдена во речиси секој дел од човечкото тело. Иако научниците сè уште не се сигурни какво точно влијание има врз здравјето, некои веќе изразија загриженост.

„Не сакам да ги плашам луѓето“, изјавил за „AFP“ Санџај Моханти, водечки автор на студијата, која беше претставена на состанокот на Американското хемиско друштво и поднесена за рецензија за научна публикација, но сè уште не е објавена.

Нема докази за директна врска помеѓу микропластиката и промените во човековото здравје, рекол овој истражувач од Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес (UCLA).

Тој нагласил дека целта на студијата била да се прикаже досега малку истражен пат по кој ситните, често невидливи пластични честички влегуваат во човечкото тело – преку гумата за џвакање.

Лиза Лоу, докторанд на UCLA, џвакала седум парчиња гума за џвакање од десет различни брендови, а потоа нејзината плунка била хемиски анализирана: еден грам гума за џвакање ослободува просечно 100 честички на микропластика, но некои гуми испуштаат повеќе од 600. Научниците истакнуваат дека тоа значи дека личноста која годишно џвака 180 парчиња гума за џвакање може да внесе и до 30.000 честички на микропластика.

Сепак, тоа е занемарлива количина во споредба со многу други извори на внес на микропластика, истакнал Моханти. На пример, други истражувачи минатата година процениле дека еден литар вода од пластично шише содржи во просек 240.000 микропластични честички.

За Оливер Џонс, професор по хемија на австралискиот универзитет „RMIT“, количината на микропластика пронајдена во гумите за џвакање е „многу мала“, а проголтаните честички „веројатно поминуваат низ телото без никаков ефект“.

„Мислам дека сè уште не треба да престанеме да џвакаме гуми за џвакање“, изјавил тој.