Од денеска нова авиолинија Охрид- Истанбул, Николоски најави субвенционирање и на други

107

Туркиш Ерлајнс од денес започнува со новата авиолинија Охрид- Истанбул, информираше министерот за транспорт Александар Николоски во текот на вчерашниот ден.

-Прекрасна реклама на Туркиш Ерлајнс која значи многу за привлекување нови туристи во Охрид. Ќе продолжиме со субвенционирање на нови авиолинии и подобрување на авиосообраќајот во Македонија, напиша Николоски на Фејсбук.

Со пристигнување на патници од Истанбул денеска на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ ќе биде означен официјалниот старт на нововоспоставената авионска линија од Истанбул до Охрид.

Станува збор за првиот лет на директната линија на авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“ што од денеска ќе лета од Истанбул до охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“.

Според претходните најави, летовите на линијата Истанбул – Охрид ќе се реализираат четири пати седмично и тоа во понеделник, четврток, петок и недела. Турската авикомпанија за оваа линија ќе користи авиони „Ербас А321“, „Боинг 737-800“ и „Боинг 737-900“ од својата флота.

На денешниот настан на охридскиот аеродром е предвидено да присуствуваат премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, главниот извршен директор на „ТАВ Аеродроми“, Серкан Каптан, главниот извршен директор на „Туркиш ерлајнс“ Билал Екси и турскиот амбасадор Фатих Улусој.