Директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов смета дека проблемот со телефоните, дрогата и останати недозволени работи по затворите може да се реши, но само доколку има казнивост за корумпираните затворски полицајци, кои според негови проценки, во некои затвори се и над 50 проценти.
– Имаме работа со вмрежена група на вработени по затворите и затворениците. Ако успееме дел по дел да ги отстраниме корумпираните во затворскиот систем, можеме да го решиме проблемот со телефоните, дрогата и со другите недозволени предмети. Се додека ги имаме нив и додека тие сметаат дека неказниво може да поминуваат, ќе имаме и телефони, и дрога, и недозволени предмети, рече Пандов на денешната прес-конференција во Владата.
За споредба посочи дека кај нас за девет месеци се најдени околу илјада телефони, додека во Хрватска во 2023 година само 26 мобилни телефони, а во Косово 51 телефон во 2024 година.
– Имаме наследено исклучително корумпиран систем, но она што радува е дека има силна желба да се справиме со тој криминал, рече Пандов.
Во однос на тоа дали е подобро да се стават блокатори како решение за мобилните телефни, Пандов рече дека проблемот е во тоа што денес најголем дел од затворите се опкружени со објекти и доколку се стават блокатори, ќе бидат блокирани и телефоните на граѓаните кои живеат или работат во овие објекти.
– Во Хрватска нема блокатори и нема телефони. Мене ме уверуваат сите кои се долги години во затворскиот систем дека нема подобра работа од правење претреси, рече Пандов.
Информираше дека се завршени и сите процедури околу алките за затворениците и очекува во наредните неколку недели да бидат ставени во функција, а денес е добиено и одобрување од Министерството за финансии за вработување на 171 лице од кои најголем дел се за затворски полицајци.