Семејството на 22-годишната Теодора Ристовска, за чија смрт возачот кој ја прегази доби само две години казна затвор, испрати јавно соопштение во кое се заблагодарува на премиерот Христијан Мицкоски за реакцијата и поддршката.
-Почитувани, сакаме да иразиме искрена благодарност до целата јавност, исто така до медиумите, особено искажуваме благодарност до премиерот Христијан Мицкоски од семејството Ристовски за навремената реакција и поддршката за случајот за нашата сестра и ќерка Теодора. Искрено се надеваме дека Судскиот совет ќе изреагира адекватно во врска со скандалозната и срамна одлука на судијата од Тетово, Ељведин Ферати и имаме сомнеж како семејство дека позади оваа пресуда стојат политика, мито и корупција. Ние силно и натаму ќе се бориме за правда за Теодора, велат членовите на нејзиното семејство.
Тие јавно прашуваат зошто иницијативи како „Кој е следен” немаат покажано никаков интерес за нивниот случај, а само наводно се борат против трулиот и корумпиран систем…
-Ги немаше ниту на последното рочиште кога се изрече скандалозната одлука од само 2 години затвор за убиецот на сестра ми Теодора. Сметаме дека е доста од лажни иницијативи со скриени агенди каде жртвите се само средство за постигнување на туѓи цели и до толку повеќе уште еднаш јавно се заблагодаруваме на јасната и искрена поддршка на премиерот Мицкоски… Која очигледно дека и веднаш почна да дава резултати … Се надеваме дека будно ќе продолжите да го следите судскиот процес за нашата Теодора. Со почит, семејството Ристовски, се наведува во нивното соопштение.
„Ова не е правда! Тука имаме потфрлање на системот по сите основи“. Ова го истакна денес премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја пресудата на судот во Тетово од две години затвор за возачот кој ја усмрти 22-годишната Теодора Ристевска.
-Јас не само што сметам дека правдата не е задоволена, туку и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца сум силно разочаран, рече Мицкоски.
Свесен дека можеби ќе следуваат критики, но јавно побара од Судскиот совет да се преразгледа работењето на судијата.
-Јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се анализира оваа пресуда. Ова не е партиска борба, ова е битка за вистината, за одговорноста, за правдата. Затоа што ова е борба меѓу луѓе и нелуѓе. И луѓето мора да победат. Само така можеме заедно да победиме. Ако овој систем не се ресетира сега, ако не се преземат мерки сега, тогаш за бадијала ни е се. Ова не е прашање за политика, ова е прашање на иднината. Кој бил дел од ова? Кој дозволил? Кој гледал на страна – ќе одговара! И институциите и одговорните лица и сите кои на било кој начин придонеле за оваа трагедија да се случи. Секој што ја злоупотребил својата моќ, секој кој го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните, ќе се соочи со правдата. Ова нема да биде уште еден случај што ќе се затвори без одговорност. Лично ќе го следам и јас ви ветувам дека правдата ќе ја истераме до крај, рече тој.
По сообраќајната несреќа во август 2022 година, сторителот кој ја прегази 22-годишната Теодора првично беше осуден на три години и шест месеци затвор. Апелациониот суд ја намали казната на две години, но Врховниот суд ги укина пресудите и го врати случајот на повторно судење. Судот во Тетово вчера повторно му досуди две години затвор на сторителот.
Пресудата за случајот на Теодора Ристевска предизвика силни реакции во јавноста. Многу луѓе изразија незадоволство и гнев на социјалните мрежи, сметајќи дека казната од две години затвор е премногу блага за сторителот. Семејството на Теодора е длабоко разочарано од пресудата. Дополнително, судијата кој ја донесе пресудата, Ељведин Ферати, беше критикуван поради сомнежи за неговиот интегритет дека си ги поправал оценките на Тетовскиот универзитет со пречкртување. Државниот просветен инспекторат минатата година утврди неправилности во неговите оценки, што доведе до предистрага од Скопското јавно обвинителство.