Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на покана на Францускиот претседател Емануел Макрон, вчера во Париз присуствуваше на церемонијата по повод одбележувањето на стогодишнината од крајот на Првата Светска Војна.
Како што соопштија од Кабинетот на Иванов, тој заедно со сопругата, Маја Иванова, изутрината биле пречекани во Елисејската палата од францускиот претседател Макрон и неговата сопруга, Брижит Макрон, по што заедно со присутните шефови на држави и влади се упатиле кон Триумфалната капија, каде што се одржа централната свеченост по повод стогодишнината од крајот на Првата Светска Војна.
На церемонијата каде што свое обраќање имаше Макрон присуствуваа над 80 шефови на држави, влади и меѓународни организации, меѓу кои американскиот претседател, Доналд Трамп, претседателот на Европката Комисија Жан Клод Јункер, Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, германскиот канцелар, Ангела Меркел, рускиот претседател, Владимир Путин, претседателите на Србија, Албанија, Косово, и Бугарија, Александар Вучиќ, Илир Мета, Хашим Тачи и Румен Радев, грчкиот премиер, Алексис Ципрас, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Иванов, придружуван од сопругата вчеравечер присуствуваше на свечената вечера, што за учесниците на церемонијата по повод одбележувањето на стогодишнината од крајот на Првата Светска Војна, ја приреди Макрон.
Попладне, Иванов ќе присуствува и ќе се обрати на Парискиот мировен форум, што ќе се одржи на иницијатива на францускиот претседател. На форумот свое обраќање ќе имаат и Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел и генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш.