Експертите сметаат дека водата од Охридското Езеро не смее примарно да се користи за производство на електрична енергија

796

Ситуацијата со ниското ниво на водата во Охридското Езеро засега не е алармантна, но повторно укажува на проблемот околу стопанисувањето со водата од басенот и нејзиното искористување за производство на електрична енергија.

Експертите учесници на годишната Конференција за управување со Дримскиот басен што се одржува во Охрид согласни дека водата од езерото може да се користи за производство на електрична енергија, но никако тоа да биде единствена уште помалку примарна цел, односно оти мора да се внимава на поширокиот интерес на заедницата.

Моментално нивото на езерото е некаде 16 сантиметри над минимумот што не е алармантно, но би било мошне лошо по еко-системот доколку се случи тоа да се симне под таа кота како што беше минатата година.

-Честопати сме споменувале дека ЕЛЕМ езерото го употребува како резервоар за вода за своите централи. Тие тоа го негираат, но факт е дека тоа се случува оттаму што за десеттина месеци нивото варира и за 70-80 и повеќе сантиметри, што е недозволиво. Мислам дека државата треба да преземе драстични мерки кон такви нарушувања на нивото, односно да се одземе управувањето со водата на ЕЛЕМ затоа што еве последниве години се докажува дека не се грижат многу за тоа, туку едноставно езерото го гледаат како киловатчасови произведена енергија, изјави Трајче Талевски од Хидробиолошкиот институт во Охрид.

Талевски уште предупреди дека доколку нивото на езерото продолжи да опаѓа, во опасност е езерската флора и фауна.

-Во Студенчишкиот канал моментално има голема количина плашица која е доведена во опасност ако котата се спушти надолу. Пред некоја година бевме сведоци кога дваесеттина тони плашица беше заробена и не можеше да излезе и покрај влошените услови во каналот. Оваа година има уште поголемо количество плашица влезена на презимување во каналот, така да доколу се случат истите состојби со нивното може да се случи голема количина плашица да угине, рече тој.

Радосав Рашовиќ од Управата за води при црногорското Министерство за земјоделство посочи дека она што е нивна задача и цел е токму тоа, да не дозволуваат личните односно бизнис интересите да преовладуваат пред оние на пошироката заедница.

-Она што ние го работиме е токму тоа, да не дозволиме да преовладаваат личните бизнис-интереси. Ние никако не сакаме да произведуваме струја, а да уништиме нешто друго. Струјата е мошне важна за цивилизацијата, но исто така и екологијата односно животната средина. Државата мора да ја работи својата работа, да ги уреди работите – со закони и нивна примена. Јас од мојата држава и влада барам да ги почитува законите и прописите. Истовремено производителот на електрична енергија мора да има разбирање дека не е само да се заработуваат пари туку да се овозможува и напредок на земјата, изјави тој.

Илбер Мирта, раководител на Секторот води при Министерството за животна средина и просторно планирање посочи дека состојбата со нивото на езерото се следи, дека постојано се во координација со ЕЛЕМ.

-ЕЛЕМ стопанисува со водата од Охридското Езеро, ние соработуваме со нив, имаме добра релација и одговорно ги следиме движењата на нивото на езерото. Тука соработуваме и со соседна Албанија бидејќи секое движење тука има импакт и таму. Климатските промени исто така влијаат врз хидролошката слика, тие се следат и преземаме соодветни активности за справување со предизвиците, посочи Мирта.

Општина Охрид минатата седмица со допис побара од надлежното Министерство за транспорт и врски да преземе итни мерки за спречување на натамошно намалување на водостојот на нивото на Охридското Езеро. Во писмото беше посочено дека намалениот водостој на езерото се заканува да прерасне во посериозен проблем што се заканува да предизвика сериозни последици по рибниот фонд.

Во насока на превенирање на посериозни последици, Општината веќе спроведе одредени активности, преку исклучување на пумпите за вода од каптажата „Билјанини Извори“ наменети за потребите на ЈП „Водовод“ и пренасочување на водата во Студенчишкиот канал.

Проблемот со водостојот на езерото дополнително го усложнуваат неповолните временски околности, односно продолжениот сушен период без најави за врнежи.