Жените масовно објавуваат фотографии од своите танги по скандалот во Ирска

942

Ширум Ирска се одржуваат демонстрации откако во судница адвокатка приложила танга гаќички на тинејџерка како доказен материјал во случај на силување.

Имено, Елизабет О’Конел, адвокатка на обвинетиот за силување на тинејџерка, пред целата судница навела дека 17-годишната девојка во таа прилика носела чипкасти танга гаќички, и ги покажала пред целата судница.

“Адвокатите во судниците упорно претставуваат вакви стереотипи за жените и затоа што единствена одбрана за обвинение за силување е тоа дека половиот однос бил доброволен”, рекла водителката на центарот за жртви на силување “Rape Crisis”, Ноелин Блеквел, за “Irish Independent”.

“Носела чипкасти танга гаќички”

Потсетуваме, пред десетина дена 27-годишен маж бил ослободен од обвиненијата за силување на 17-годишна девојка, а ослободителната пресуда била донесена откако адвокатката на обвинетиот ја покажала долната облека на жртвата.

“Погледнете само како била облечена. Носела чипкаста танга”, рекла адвокатката Елизабет О’Конел.

Жените масовно објавуваат фотографии од својата долна облека

Демонстрациите, кои се одржуваат ширум земјата, се инспирирани од кампањата “I Believe Her”. Кампањата започнала многу брзо откако деталите од судењето се појавиле во јавност. Многу жени, во рамките на кампањата, на социјалните мрежи почнале да објавуваат фотографии од својата долна облека, користејќи го притоа хаштагот #ThisIsNotConsent.

“Со едноставен јазик – облеката не претставува прифаќање на сексуален однос. Ваквото префрлање на вина на жртвата е застарено и не му е местото во нашиот законодавен устав”, рекла Сузан Дилон, една од основачките на групата #ThisIsNotConsent.

Ирската пратеничка Рут Копингер во вторникот во парламентот од ракав извлекла чипкаста танга. Со тој чин сакала да укаже на големиот проблем во Ирска – префрлање на вината на жртвата.

“Непријатно е тука пред сите да ви покажувам танга, зар не? Сега замислете како се чувствува жртвата на силување кога пред целата судница се покажува нејзината долна облека”, рекла Копингер.