Елон Маск размислува за тоа да оди да живее на Марс, а шансите за тоа навистина да го направи се 70 проценти, рекол во интервју за “Axios”.
“Знам точно што ќе направам. Зборувам за тоа да се преселам таму”, бил директен милијардерот, инвеститор и основач на “Tesla” и “Space X” во интервју емитувано вчера на HBO.
За мисијата за одење на Марс се зборува веќе со години, но проблемот во пронаоѓање на доброволци е тоа што станува збор за патување без враќање, барем со оглед на моменталните можности за вселенскиот лет. Маск е свесен за тоа – само прашање е во колкава мера. “Мислам дека можеме да се вратиме, но не сме сигурни”, рекол 47-годишниот Маск.
Интервјуто со Маск било емитувано, пригодно, ден пред вселенското летало на НАСА, “InSight” да слета на Марс, пишува “Guardian”. Спротивно од мислењето на експертите, Маск рекол дека верува дека летот на Марс, со ракета на неговата компанија “SpaceX”. ќе биде можен веќе за “седум години”, но дека картите за летот ќе чинат “неколку стотици илјади долари”.
“Ќе биде тешко. Постои и шанса за смрт”
Маск, кој имал прилично тешка година во деловна смисла, првенствено благодарение на сопствените испади на социјалните мрежи, нагласил дека му е јасно дека патот за Марс може да заврши и погубно.
На прашањето на новинарот дали Марс ќе стане излез за бегство на богатите луѓе од пренаселената планета, Маск одговорил: “Веројатноста дека ќе умрете на Марс е поголема отколку на Земјата. Ќе биде тешко. Постои добра шанса за смрт.
А дури и ако успеете да слетате на Марс, ќе мора “постојано да работите на изградба на база””, продолжил Маск. “Нема да им време за разонода. А дури и кога ќе го направите сето тоа, околината ќе биде многу груба. Поради тоа, постои голема шанса дека ќе умрете. Мислиме дека можеме да се вратиме, но не сме сигурни. Звучи ли тоа како излез за бегство на богатите луѓе”, поентирал ексцентричниот бизнисмен.
“Огласот за одење на Марс би бил како оној на Шеклтон за одење на Антарктикот”, додал тој, реферирајќи на огласот на Сир Ернест Шеклтон, кој наводно го објавил пред истражувачката експедиција на Јужниот пол. “Се бараат мажи за опасно патување, мала плата, остра зима, долги месеци во целосен мрак, постојана опасност, враќањето не е сигурно, чест и препознавање во случај на успех”, гласи текстот на тој оглас.