Згази го, само напред: Се појави снимка од почетокот на судирот – погледнете како рускиот удира во украинскиот воен брод

1109

На интернет се појави видео на кое што се гледа како рускиот брод удира во бродот на украинската воена морнарица во водите на Црното море.

На снимката направена непосредно пред бродовите да се судрат, може да се слушне како некој им наредува на членовите на рускиот екипаж „да се држат цврсто“, по што бродот удира во украинскиот брод кај теснецот Керч во близина на Крим. Станува збор за теснец кој што го раздвојува полуостровот Крим од руската територија.

На снимката од инцидентот може да се слушне како маж извикува: „Згази го, браво, притисни го од десната страна, туркај. Турни го. Само така, ајде. Турни го, само напред“, а потоа им вели на луѓето од екипажот цврсто да се држат.

Од истиот руски брод подоцна е отоворен и оган, по што на крајот три бродови на украинската воена морнарица беа запленети. Во оваа најнова руска агресија беа заробени 24 недолжни украински морнари, а тројца од нив биле повредени.

Да потсетиме, Русија отвори оган и заплен три украински воени бродови, по што одново се влошија односите помеѓу Киев и Москва. Набрзо после инцидентот, украинските власти ја ставија во состојба на готовност армијата и прогласија воена состојба која ќе трае до 25-ти јануари 2019-та година.

Од руската федерална безбедносна служба „ФСБ“ вчера наутро соопштија дека бродови на руската крајбрежна стража заплениле три воени бродови на украинската морнарица затоа што тие навлегле во руски територијални води.

Од Киев во неколку наврати порачаа дека Русите биле известени за рутата на украинските бродови, додека пак од Москва го демантираат тоа.