Неколку подрачја ширум светот во иднина би можеле да бидат погодени од 6 природни катастрофи во исто време, истакнаа научниците на самитот за климатските промени во Полска.
„Светот ќе се соочи со се поголеми разорни ефекти на неколку климатски катастрофи. Тоа се случува сега и ќе продолжи да се случува“, изјави истражувачот Ерик Френклин.
Најновата студија ја нагласува важноста за постигнување на целите од Париз. Фактот дека штетните гасови предизвикуваат ефект на стаклена градина веќе не се нови вести, но научниците тврдат дека ефектите од емисиите на штетни гасови ќе бидат различни во секое подрачје на светот.
Истражувачите на Институтот за биологија на морето на Хаваи, анализираа сценарио во кое што неколку природни катастрофи погодуваат исто место. Тие предупредуваат дека ова би можело да стане вообичаено сценарио доколку не се одржат климатскките цели кои што се постигнати на самитот во Париз.
„Фокусирањето на една или неколку кризи може да ги сокрие ефектите од другите кризи, што доведува до нецелосна проценка на влијанието на климатските промени“, изјави Камило Мора, автор на студијата и професор на Универзитетот на Хаваи.
Ако емисијата на штетни гасови продолжи со исто темпо, Њујорк би можел да биде погоден паралелно од четири природни катастрофи, од кои најголема е веројатноста за поројни дождови и зголемување на нивото на водата.
Најзагрозени ќе бидат тропските брегови, а некои делови ќе поминат подобро – истражувачите споменаа делови од Канада, Русија и Гренланд.
„Се чини дека Гренланд ќе биде најмалку погоден од повеќекратните климатски катастрофи, ако го замислиме најлошото можно сценарио. Можеби дојде време да се купуваат недвижнини на Гренланд“, изјави Френклин.
200 земји се согласија во 2015-та година да биде ограничено глобалното затоплување на два степени, со цел поставена на 1,5 степени. Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да ги повлече Соединетите Американски Држави од договорот и ги отфрли алармантните извештаи за климатските промени, нарекувајќи ги „блеф“.
Сепак, научниците тврдат дека поради фактот што глобалната температура порасна за еден степен, досега светот сведочеше стравични пожари, екстемни бранови на топол воздух и урагани кои што се уште повеќе разорни поради растењето на нивото на морето.