Обвинение за Турчинката која беше фатена со накит од 450.000 евра на скопскиот аеродром

784

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение за кривично дело „криумчарење“ против 27-годишната турска државјанка која на 18 декември на Меѓународниот аеродром Скопје беше фатена со накит од бело злато кое се обидела да го шверцува и не го пријавила на царинска контрола.

Турчинката се обидела нелегално да внесе во земјава накит со вкупна тежина од 380.5 грама во вредност од 449.330 евра или 27.633.795 денари, соопшти скопското обвинителство.

Од таму велат дека со оглед на оценката дека сè уште постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, како и можност обвинетата да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до Судот достави предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетата.​

Од Царината соопштија дека накитот бил пронајден во рачниот багаж на обвинетата. Додаваат дека според наодот од страна на судски вештак, накитот е квалификуван како ексклузивен. Од Царината, исто така, соопштија дека постојат сомненија дека обвинетата можеби дејствувала и во други земји освен во Република Македонија.