Мексиканскиот глумец нема да може да присуствува на Оскарите, Америка не му дава виза

950

Филмот “Roma” ги воодушеви критичарите и се закити со досега најдобрите награди, а на доделувањето на Оскарите ќе се натпреварува во дури десет категории.

Меѓутоа, постои можност глумецот од филмот, Мексиканецот Хорхе Антонио Гереро да не присуствува на свечената церемонија, бидејќи американските власти веќе три пати му го одбиле барањето за виза. 

Лос Анџелес Тајмс пишува дека ова е пример за “расизам на дело” и наведува дека во една прилика кога аплицирал за виза, вработените го коментирале неговиот изглед и потекло, велејќи дека сака да се пресели во Америка со цел противзаконски да се вработи.

Не помогнале ниту писмата од продукцијата кои им ги испратиле на властите, во кои јасно се наведува дека Гереро во Мексико има живот, работа и семејство и дека во САД сака да влезе поради промотивните активности на филмот.

“И понатаму се надевам дека визата ќе ми биде одобрена за да присуствувам на доделувањето на Оскарите. Сфаќам дека ова е долга процедура, но навистина би сакал да ми се овозможи влез во Америка”, рекол Гереро за мексиканските медиуми.

Филмот “Roma” е номиниран за најдобар филм на годината, потоа за најдобар филм надвор од англиското подрачје, за камера, режија, главни и споредни улоги, оригинално сценарио, сценографија, микс и монтажа на звукот.