Џони Деп е непрепознатлив: Се појавија првите фотографии од снимањето на холивудскиот филм „Минимата“ во Белград

814

Славниот актер има посебен третман во српската престолнина

Екипата на филмот „Минимата“ во режија на Ендру Левитас, на чело со холивудскиот актер Џони Деп, во средата ги снимила првите кадри во Белград, односно на белградското пристаниште каде што е сместен филмскиот сет.

На пристаништето, на брегот од Дунав, биле наредени десетина приколки кои служат за сместување на послугата за време на паузите, но и како привремени работни простории. Уште од далечина, по обезбедувањето и поставените ознаки со натпис „забрането снимање и фотографирање“, јасно е дека внатре во големиот хангар се наоѓа идниот холивудски блокбастер „Минимата“.

Сепак, освен една приколка со видлива ознака „Шминкерница и фризерница“, не постои ни еден натпис кој сугерира  дека токму таму се снима високобуџетен филм со една од најголемите ѕвезди на денешницата, Џони Деп.

По ретките информации што се појавуваат во медиумите јасно е дека гарантирањето за приватноста на актерите и екипата е една од најважните задачи на организаторите. На влезот од сетот има паркирано неколку комбиња со затемнети стакла, додека едно од нив, стои на влезот од големиот хангар и најверојатно е резервирано за главната ѕвезда на „Минимата“, американскиот актер, продуцент и музичар.

Деп во филмот го игра Вилијам Јуџин Смит, славниот американски воен фотограф кој во 1972 година го разоткрил труењето со жива на граѓаните на јапонскиот град Минимата, настанато како последица од испуштање тешки метали од локалната фабрика.

Кога почнал со објавувањето на фото-есејот, бил нападнат од страна на службеници од споменатата фабрика. Јуџин останал жив, но претрпел сериозни повреди, па неговата сопруга, Јапонката Ајлин Миоко го продолжила неговото дело.

Филмот „Минимата“ се заснова на неговата книга-дневник и фотографии.

Според очекувањата, екипата на „Минимата“ ќе остане во Белград седум недели, а потоа би требало да се пресели во Тиват.