Претседателот на Комисијата за мадатно имунитетни прашања и пратеник Павле Богоевски денеска преку Фејсбук го обвини претседателот на Собранието Талат Џафери дека го злоупотребил Парламентот за да го заштити организаторот на 27 април.
–Нашиот глас за Талат Џафери на 27ми април резултираше со обид за наше убиство и терористички акт врз законодавниот дом. Тој немаше ниту гребнатинка. Вчера, тој го злоупотреби истото Собрание и го заштити организаторот од притвор, правејќи будали од сите нас. Денес низ медиумите прочитав информација дека парламентарните седници се одложени поради тоа што дел од пратениците се на службен пат. Тоа е уште една лага која најверојатно е излезена од неговиот кабинет, напиша Богоевски, откако вчера, непосредно пред полноќ, кога требаше да се гласа за одземање на имунитетот на Трајко Вељаноски, по барање на Судот, Џафери ненадејно ја одложи седницата без образложение и најави дека таа дополнително ќе биде закажана.
Генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацоски исто така на својот Фејсбук профил, побара од Џафери да одговори дали синоќа имало некакви калкулации.
–Синоќа пратениците од мнозинството во Собранието беа подготвени да донесат одлука со која му се овозможува на судот да ги продолжи непречено своите процеси.
Пратениците беа подготвени да овозможат правдата за 27 април да се тера до крај, но претседателот на Собранието, Талат Џафери ја прекина седницата и не дозволи да има гласање за одземање на имунитетот на обвинетиот пратеник Трајко Вељаноски.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, должи одговор на јавноста, на граѓаните, зошто ја прекина седницата за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Велјановски и зошто дозволи да настане неред на синоќешната седница.
Кворум постоеше. Мнозинството беше тука спремно за гласање. Граѓаните прашуваат, а Талат Џафери е должен да им објасни и на јавноста и на колегите пратеници – Зошто беше прекината седницата на која требаше да биде одземен имунитетот на обвинетиот за организација на 27 април, Трајко Вељаноски?
Бараме принципиелност, Собранието е должно да постапува и да му овозможи на судот непречено да работи.
За Трајко Велјановски мора да важат истите процедури и правила како и за секој друг пратеник.
Собранието мора да постапува како што секогаш постапувало за сите други пратеници кои биле обвинети и за кои се барало одлука за нивна одговорност.
Поради ова, во Собранието денес нема услови да продолжат останатите активности.
27 април е крвав настан а неговите организатори мора да одговараат.
СДСМ е одговорна партија со одговорна пратеничка група – правдата и интересот на јавноста за нас е на прво место.
Јавноста бара одговори, дали се калкулирало синоќа или не, а претседателот Талат Џафери треба да одговори, напиша Кирацоски.