Општина Охрид повеќе нема да субвенционира концерти организирани од приватни продукции во шпицот на туристичката сезона

749

Советот на Општина Охрид на вчерашната седница со 20 гласа го поддржа предлогот на в.д. градоначалникот Константин Георгиески од општинската каса да не се издвојуваат средства за кофинансирање и субвенционирање концерти и забавни содржини во шпицот на туристичката сезона, поточно во периодот од 15 јули до 15 август.

Со таквата одлука прекинува практиката воведена од пред неколку години на приватни компании и продукции да им се даваат поволности при организирањето концерти во денови кога градот и онака е полн со туристи, туку поддршка да се дава на манифестации што во иднина би придонеле за продолжување на сезоната во градот.

Само во 2018 година за организирање концерти и други забавни содржини од градската каса биле издовени околу седум милиони денари.

Приватна продукција што неколку години наназад заедно со Општина Охрид организираше концерти се уште не ги има подмирено сметките за користење на стадионот „Билјанини извори“, за што против продукцијата е покрената пријава. Истата продукција од општинскиот „Црвен крст“ беше обвинета дека ја избегнува законската обврска дел од средствата остварени од продажбата на билети за концертите да ги уплатат за хуманитарни цели односно на сметката на Црвениот крст.