Тензично во Венецуела: Руски војници слетале во Каракас, Гуаидо го повикува народот: Подгответе се за “Операција Слобода”

975

Венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гуаидо, кој е поддржан од САД и од западните земји, го повикал населението да се подготви за “Операција Слобода”, која ќе го води преземањето на власта во Венецуела, откако светските медиуми пренеле дека во текот на викендот на аеродромот во Каракас слетале два руски воени авиони.

“Време е за подготовка за “Операција Слобода” и вршење на максимален притисок на владата за конечно да се стави крај на узурпацијата. Сите, апсолутно сите имаат улога во оваа фаза од нашата борба”, порачал Гуаидо на Инстаграм, пренесува “Tass”.

Тој најавил “основање на специјални комитети ширум земјата”.

“Тие ќе добијат задача да промовираат активности со цел да се стави крај на узурпацијата во секој регион, сектор, синдикат, образовна установа, владино тело”, напишал Гуаидо на оваа социјална мрежа.

Руската агенција потсетува дека опозицискиот лидер, чија функција претседател на венецуелскиот парламент ја укинал Врховниот суд, на 23-ти јануари на митинг во Каракас се прогласил за привремен претседател на Венецуела, што актуелниот претседател Николас Мадуро, кој има поддршка од Русија, го нарекол обид за пуч.

“Sputnik” објавил дека два руски авиони во саботата слетале на главниот аеродром во Каракас, а наводно во него имало десетина војници и голема количина на опрема, со задача да “исполнат технички воени договори”.

BBC пренесува дека венецуелскиот новинар Хавиер Мајорка на Твитер напишал дека видел околу 100 припадници на руските трупи и околу 35 тони опрема која била истоварена од авионот.

Британскиот јавен сервис наведува дека руските авиони пристигнале во Венецуела три месеци откако двете земји одржале заеднички воени вежби.