Гигантска оптичка илузија на пирамидата пред Лувр била уништена од туристите за само еден ден

758

По повод 30 годишнината од изградбата на пирамидата пред парискиот музеј Лувр, повеќе од 400 волонтери креирале оптичка илузија од 2.000 хартиени инсталации пред оваа елегантна стаклена градба.

Меѓутоа, како што пишуваат француските медиуми, беше доволен само еден ден луѓето да ја уништат оваа инсталација. Сепак, уметниците задолжени за креацијата велат дека не очекувале дека ова дело ќе потрае.

Творецот на оваа оптичка илузија на пирамидата на Лувр е францускиот уличен уметник познат под името JR.

Оваа оптичка илузија го открива темелот на пирамидата и потсетува на археолошка дупка. JR објавил неколку фотографии од оваа илузија на социјалните мрежи, а судејќи по коментарите луѓето најмногу се воодушевени со тоа како неговото дело изгледа навечер.

“Фотографиите се како животот, пролазни. Кога ќе се залепи, уметничкото дело живее самостојно. Сонцето лесно го суши лепилото и со секој чекор луѓето ги растргнуваат фрагментите од тенката хартија”, напиша JR на Твитер откако неговата инсталација беше уништена за помалку од 24 часа.

Според пишувањата на Гардијан, хартиената инсталација се протега на повеќе од 1.700 метри квадратни, а направена е во целост од паста и 2.000 парчиња хартија.

Ова не е првпат ЈР да креира оптичка илузија на пирамидата на Лувр. Тој тоа го направил и минатата година кога направил пирамидата да исчезне.