Американците тајно развиле ново оружје: Нинџа ракетата носи 6 ножеви кои се отвораат пред ударот

741

Соединетите Американски Држави развиле во тајност ракета за изведување на прецизни напади на терористи, без нанесување на штета на цивилите кои ќе се најдат во близина на нападот.

Како што пренесува “Wall Street Journal”, ракетата веќе ја докажала својата моќ и ефикасност на терен. Станува збор за ракетата наречена “R9X”, инаку модифицирана верзија на “Hellfire” противоклопната ракета која наместо експлозија, за елиминација на метата користи сирова сила.

“Wall Street Journal” открива дека ударот на ракетата изгледал како „наковална со голема брзина да падне од небото“, но тоа што оваа ракета ја прави посебно смртоносна е тоа што носела шест долги ножеви кои се отворале непосредно пред ударот, уништувајќи се што ќе се најде на патот пред ударот во целта.

Станува збор за ракета која благодарение на своите ножеви може со леснотија да пробие автомобили и ѕидови, а во американската армија веќе го добила прекарот „нинџа ракета“.

Развојот на тајната ракета започнал во 2011-та година со цел да се намали бројот на цивилни жртви во борбата против терористите кои намерно се распоредуваат во густо населени подрачја, а екстремистите често ги користат цивилите и како жив штит.

Американската армија досега оваа ракета ја користела само неколку пати. Како што открива “Wall Street Journal”, ракетата “R9X” досега била користена во операциите на американската армија во Либија, Ирак, Сирија, Јемен и Сомалија.