Неверојатно, но вистинито: Екс-капитенот на младите селекции на Србија ќе игра за Косово!

800

Она за што се пишуваше веќе речиси една година, денеска доби и официјална потврда.

Младиот талентиран Артон Зекај во иднина ќе го носи дресот на репрезентацијата на Косово, иако досега настапуваше за младите селекции на Србија, каде беше и капитен.

Зекај е инаку дете на белградски Партизан каде играше до јуниорскиот стаж. Сега е член на француски Лил, а веста за изборот на Косово го потврди и фудбалскиот сојуз на оваа држава.

„Официјално можеме да потврдиме дека Артан Зекај ќе има право да настапува за Косово од следната недела. ФИФА ќе ја прифати неговата желба да игра за Косово иако ФСФ одбива да го пушти. Тој ќе се најде на списокот на младата репрезентација за мечевите со Андора и Турција во јуни“, соопштуваат од ФС Косово.

19-годишниот Зекај е роден во Суботица, Србија од албански родители кои потекнуваат од Призрен. Тој настапуваше за повеќе младински репрезентации на Србија, а на У17 селекцијата беше и капитен.

Тој оваа сезона забележа еден настап за Лил во Лига 1, а воглавно настапуваше за Б тимот на овој клуб.