Десет дена после неуспехот, летечкиот човек Френки Запата успеа со помош на својот изум „флајборд“ да го прелета каналот Ламанш кој ги раздвојува Франција и Велика Британија.
Запата полета во 8:15 минути од плажата Сангате во Франција и дваесетина минути подоцна се спушти во заливот Сент Маргарет на јужниот брег на Англија. Тој летал над морето на висина од 15 до 20 метри.
Неговиот „флајборд“ е автономна летечка машина која што работи на керозин кој е складиран во ранец кој го носи „летачот“, а опремен е со мини турбореактори кои му овозможуваат да полета и да развие брзина од 190 километри на час.
Запата кој го привлече вниманието на јавноста на 14-ти јули летајќи над Елисејските полиња во Париз, се обиде својот подвиг да го изведе на 25-ти јули, на денот кога пред 110 години Луис Блерио стана првиот пилот кој го прелетал Ламанш.
Но, за прелетот преку каналот кој ја дели Франција и Велика Британија, инаку широк околу 35 километри, мора да се снабди со гориво на половина пат. Во првиот обид тој ја промаши платформата и падна во морето.