ВИДЕО: Елмас заменет по одличен еден час, Наполи во финишот загуби од Барса

777

Македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас одигра 63 минути во поразот на Наполи против Барселона со 2-1 (1-1) во Мајами во рамките на подготвителниот период на двете екипи за новата сезона. Нашиот ас повторно покажа зрелост и доби комплименти од Анчелоти кога беше заменет.

  • Извештај од натпреварот: 

Првиот дел беше целосно израмнет, со тоа што Наполи делуваше поопасно. Елмас доби шанса полулево во средниот ред и беше крајно активен, често влегуваше во дуел со Бускетс, а и одлично комуницираше со Мертенс и Инсиње.

По првите две закани на Гризман и големата шанса на Инсиње, која Нето ја одбрани, Барса поведе во 39. минута. Бускетс се одлучи на удар од работ на казнениот простор, Мерет се испружи колку што е долг, но не успеа да одбрани и топката отседна во неговата мрежа (1-0).

Не се чекаше предолго на израмнување, бидејќи само три минути подоцна по несигурноста на дебитантот Жуниор Фирпо, Каљехон изби сам пред Нето, биеше по земја, а Умтити во обид да расчисти си даде автогол (1-1).

Вториот дел донесе серија на замени, по еден час на клупата замина и Елмас, а една четвртина од дуелот одигра и Френки Де Јонг. Во оваа фаза Барса доминираше, двапати ја погоди рамката од голот на Наполи, но резултатот не се менуваше. Во 76. минута Милик од само неколку метри го префрли празниот гол. Казната стигна на 11 минути до крајот, кога од отпадок, Иван Ракитиќ со удар по земја од работ на казнениот простор го матира Мерет за финални 2-1.

Двете екипи ќе се соочат во Мичиген во сабота навечер по средноевропско време.