Ако плаче како девојче, Хамилтон нека оди на балет!

754

Судирот меѓу Кими Раиконен и Луис Хамилтон на стартот од трката за Голамата награда на Велика Британија предизвика револт кај Британецот, кој го обвини тимот на Ферари дека имале „чудна стратегија“ да го „елиминираат“ од трката. По оваа констатација на актуелниот шампион се вмеша и сопругата на Раиконен, Минту.

Хамилтон, како и шефот на Мерцедес, Тото Волф, веруваат дека Раиконен намерно се удрил во неговиот болид, за Себастијан Фетел да има слобода на првото место. Германецот на крајот победи за да се одвои на осум поени од Британецот, кој заврши на второто место.

Минту Раиконен, која е омажена за Финецот од 2006 година не сакаше ова да помине без коментар.

  • Ако плачеш како девојче кога ќе загубиш, тогаш оди на балет. Само кажувам, напиша Минту на својот „Инстаграм“ профил.

Таа подоцна го отстрани постот, но во дискусија со навивач на Хамилтон додаде:

  • Да бидам јасна, не зборувам за возачот, туку за тимот кој плачеше како некој да направил нешто намерно. Не, тоа не беше намерно. Тоа се вика тркање, додаде Минту Раиконен.

Хамилтон се обиде да ја намали тензијата со изјава на Инстаграм.

  • Ви благодарам што ме сакате со сите мои мани. Знам дека не сум совршен. Бидете добри денеска и не давајте многу на мислењето на другите. Кими се извини, јас го прифатив тоа и одиме понатаму. Се работеше само за тркачки инцидент. Понекогаш кажуваме глупави ср*ња и учиме од тоа, напиша Хамилтон.

Во Ферари обвинувањата за ваква тактика ги отфрлија со лутина, а шефот на тимот Маурицио Аривабене најмногу беше лут на нивниот поранешен вработен, а сега технички директор на Мерцедес, Џејмс Елисон, откако прво него го цитираше Волф.

  • Да ги искористам зборовите на Џејмс Елисон, или се работи за намерен инцидент, или за некомпетентност, изјави Волф.

Елисон беше технички директор на Ферари до 2016 година и Аривабене не беше импресиониран.

  • Треба да му е срам, бидејќи самиот работеше многу години во Маранело. Доби и добра сума пари од Маранело. Мора да знаеш и да загубиш со елеганција. Во Англија не учат како да бидеме џентлмени. Тој треба да почне прво. Ова е лекција за нас да останеме со класа. Нешто што во Мерцедес не го направија, вели Аривабене.