Грабеж на векот: 49-каратен дијамант меѓу украдените скапоцености од музејот во Дрезден

666

Дијамант од 49 карати се наоѓа меѓу останатиот накит кој беше украден во спектакуларниот грабеж на музејот „Зелен трезор“ во Дрезден, на истокот на Германија.

Криминалците по кои германската полиција и натаму трага, успеале да украдат повеќе парчиња накит кои вкупно содржеле повеќе стотина дијаманти. Меѓу нив имало и меч чија што дршка имала 9 големи и 770 мали дијаманти, соопштија од музејот.

Вкупно биле украдени 11 парчиња накит, а исто така недостасуваат и поединечни делови од останатите изложени скапоцености.

Белиот дрезденски дијамант е еден од најскапоцените камења од личната колекција на поранешниот владетел на Саксонија, Аугуст Втори Силниот. Тој во 1728-ма година го купил дијамантот од речиси 50 карати.

Дијамантот кој сега е во рацете на криминалците во тоа време бил платен неверојатни 200 илјади талири, соопштија од музејот во Дрезден на својата интернет страница.

Управата на музејот „Зелен трезор“ и директорката Марион Акерман за германските медиуми изјавија дека вредноста на украдениот накит е непроценлива.