Општина Ѓорче Петров им забрани на наставниците да користат мобилни телефони

791

Општина Ѓорче Петров донесе забрана за користење мобилни телефони од страна на наставниците за време на наставата во основните училишта во општината.

Од таму велат дека прекумерното користење на телефоните за време на наставата од страна на учениците и наставниците станува сериозен проблем во целокупниот образовен процес.

„Со цел непречено одвивање на наставниот процес, ја донесовме оваа мерка која стапува на сила од почетокот на второто полугодие. За секој наставник што нема да ја почитува, ќе следува дисциплинска мерка. Наставниот кадар во иднина за потребите на наставата ќе може да се служи само со друга информациско-комуникациска технологија, но не и со телефон“, велат од Општината.

Учениците, пак, ќе можат да ги донесат телефоните во училиште, но нема да им биде дозволено користење додека трае наставата. За време на часовите, мобилните на учениците треба да бидат исклучени и ставени на определено место.