Битолчанец држен како заложник во скопски Аеродром: Го тепале, сечеле со жилет, а на раните му турале сол и парфем

751

Основното јавно обвинителство Битола, денес поведе постапка против три лица кои се осомничени како соизвршители на кривично дело – изнуда во периодот од 13.12.2019-та до 15.12.2019-та година.

Обвинетите имале намера да прибават имотна корист од заложникот со употреба на сила врз Битолчанецот, а на неговите родители преку телефонски разговор ги присилиле да им дадат паричен износ од 1.600 евра.

Заложникот бил држен во стан во скопската Општина Аеродром, притоа го тепале со тупаници и предмети по главата и телото, исто така го сечеле со жилети по грбот, а потоа му истурале сол и парфем по нанесените рани.

Откако успеале телесно да го повредат, по пат на телефонски разговор од телефонот на оштетеното лице потоа преку видео повик со родителите на заложникот, побарале од нив паричен надомест од 40.000 евра за ослободување на нивниот син.

По неколку часа преговори, се договориле мајката да им донесе паричен износ од 1.600 евра како дел од вкупната сума од 40.000 евра.

Мајката, согласно со инструкциите ги донела парите во Скопје и ги оставила во автомобилот на нејзиниот син, марка Алфа Ромео паркиран во Шуто Оризари.

Надлежниот јавен обвинител, со оглед на тоа што законските основи биле исполнети, до судијата на претходна постапка во Основниот суд во Битола доставил предлог за мерка притвор за тројцата осомничени. Предлогот бил прифатен од судот, а осомничените се приведени на 30-дневен притвор.