ВМРО-ДПМНЕ планира ако освои 80 пратеници на изборите, да пристапи кон менување на преспанскиот договор и враќање на уставното име. Ова вчера го изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а го потврди како партиски став и генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев, одговарајќи на новинарски прашања.
Јанушев рече дека тоа е став што ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати го кажала во јавноста.
„Да не очекувате дека сè што ќе каже претседателот Мицкоски не е став на ВМРО-ДПМНЕ. За тоа сме дискутирале, сме зазеле став уште поодамна и нормално дека нема да бегаме од тој став“, рече Јанушев.
Запрашан како ја коментира реакцијата на СДСМ дека со овој чекор патијата е против НАТО и ЕУ, Јанушев одговори дека тие се првата политичка партија во Македонија која определбата за НАТО и за ЕУ-интеграциите ги има ставено и како програмска определба и како дел од нејзиниот статут.
„Мислам дека е веќе време за престанување со дефокус на јавноста. Да ве потсетам дека ВМРО-ДПМНЕ учествуваше во сите реформски и системски закони кои им помогнаа на Република Македонија и на граѓаните во Република Македонија за што побргу да можеме да пристапиме кон НАТО, за што побргу да ги почнеме преговорите со ЕУ“, рече Јанушев.