Куќната помошничка открива: Во домот на Боки 13 доаѓаа Шекеринска, Јанева, Камчев, Филипче, Богоев, Кирацовски…

802

Драгана Колевска која работела како куќна помошничка во домот на првообвинетиот во случајот „Рекет“ – Бојан Јовановски, откри кој сѐ го посетувал неговиот дом во Скопје.

Денес на судското рочиште сведочеше Драгана Колевска која хонорарно како куќна помошничка работела во домот на Бојан Јовановски. Таа пред судот откри долга листа на политичари, бизнисмени и познати личности кои го посетувале домот на Боки 13.

Додека работела во домот на Јовановски, таа раскажа дека често се реновирале просториите, се купувал мебел, а се поставувале и уметнички слики.

Меѓу политичарите кои го посетиле домот на Бојан Јовановски, кој инаку заедно со поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева е првообвинет во познатиот случај „Рекет“, биле министрите за одбрана и здравство, Радмила Шекеринска и Венко Филипче.

Како што открива Колевска, гости во домот на Боки 13 биле и градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, бизнисменот Орце Камчев, потоа Катица Јанева, Александар Кирацовски, Лила Филиповска, Сергеј Варошлија, Ацо Кабранов, Анета Кочишки и други, а највеќе „како дома“ се чувствувал Зоран Милевски – Кичеец кој исто така беше обвинет во истиот случај и веќе ја призна вината.

„Во куќата каде што живееше Јовановски доаѓаа Шекеринска и Јанева на кратка посета, доаѓаше Орце Камчев, Зоран Милевски, Стефан Богоев, Кирацовски, Лила, Сергеј. Еднаш дојде и Венко Филипче заедно со Камчев и со Милевски. Кичеец беше чест гостин во станот на Бојан, доаѓаше скоро секој ден, понекогаш и двапати на ден, а влегуваше без да тропне. Ги послужував со кафе, сок, а понекогаш и со храна, а разговори конкретни не сум чула, слушав само општи разговори, кои, според мене, не беа опасни. Јас и Бојан разговаравме дека Кичеец во куќата се однесува како дома. Не сум видела пари кај Бојан, освен оние што мене ми ги даваше како плата“, сведочеше денес куќната помошничка на Боки 13, пренесува „Мкд.мк“.