Несреќа во Франција: Супербрз воз излета од шини, повредени 22 лица

668

Супербрз воз „ТГВ“ кој сообраќаел на линијата Стразбур – Париз, излета денес од шините, при што беа повредени 22 лица.

Меѓу нив е и машиновозачот кој е тешко повреден и кој со хеликоптер бил пренесен во болница во Стразбур.

Полициски и екипи на итна помош веднаш се упатиле кон местото на несреќата која се случила утринава 7:45 часот. Во соопштението на француските власти се додава дека едно лице е потешко повредено, додека 21 патници минале со полесни повреди. Во моментите на несреќата во возот имало 348 патници.

Железничкиот сообраќај бил пренасочен и се одвивал нормално, соопштено е од националната железничка компанија “SNCF”, од каде што додадоа дека до несреќата дошло поради лизгање на земјиште.

Британската новинска агенција „Ројтерс“ потсети дека непосредно по отворањето на линијата Париз – Стразбург во 2015-та година, воз исто така излета од шините, при што загинаа 11 лица.