Три месеци нема ни трага ни глас од Марија Брзакова

1071

Пред околу три месеци Министерството за внатрешни работи ја стави Марија Брзакова на списокот на исчезнати лица. Објавена беше и нејзина фотографија која требаше да им помогне на граѓаните, доколку го лоцираат лицето, сите информации што ги имаат за него, или да ги достават до најблиската полициска станица, или да се јават на дежурниот број на МВР.

Марија Брзакова од Босилово, која е родена во 1991 година, исчезна на 18 јануари, и оттогаш и се губи секаква трага.

МВР долго трагаше по Марија, а во потрагата се вклучија и специјални тимови, па дури и граѓани доброволци, кои ја бараа дури до бугарската граница, но безуспешно.

Дел од шпекулацииите што се појавија во јавноста во отсуство на официјални информации, беа дека младата Марија кога исчезна била бремена во вториот месец, како и дека додека живеела во Швајцарија, се до септември минатата година, имала семејни проблеми. – објави ФАКТОР.

Во меѓувреме, Марија се бараше и преку групи на социјалните мрежи, кои бројат поголем број членови. Се споделуваа фотографии од младата жена и мајка на малолетно дете, а граѓаните се молеа за било какви информации да се јават или во МВР, или на телефонскиот број кој беше оставен за контакт, но и тоа се покажа како безуспешно.

Од струмичкото јавно обвинителство за ФАКТОР велат дека истрагата е во тек, а потврдуваат и дека се испитувала евентуална кривична одговорност кај нејзини блиски во семејството. Од она што досега се искристализирало, Марија сигурно не ја напуштила земјава, велат од обвинителството.

„Во врска со исчезнувањето на лицето за кое покажувате интерес, Основното јавно обвинителство Струмица оформи предмет и во рамките на предистражна постапка презеде повеќе дејствија – прибавени се видео снимки од безбедносните камери на повеќе приватни и деловни објекти во Босилово, испитани се семејството, роднините, повеќе граѓани кои имале контакти со семејството на исчезнатата, како и лица за кои надлежниот обвинител сметаше дека би можеле да имаат сознанија за настанот. Дополнително, во насока на испитување на евентуална кривична одговорност, беше извршен претрес во домот на исчезнатото лице и беа издадени наредби за вештачење на мобилни телефони во сопственост на исчезнатата и на нејзини блиски лица. Од страна на правосудната полиција, во соработка со ловни друштва и граѓани беше организирана потрага по исчезнатата, но таа потрага не даде резултати“, велат за Фактор од струмичкото јавно обвинителство. – стои во објавата на ФАКТОР.

Оттаму уште потенцираат дека од добиените податоци од сите гранични премини и од двата аеродроми во земјава, било утврдено дека исчезнатата не ја напуштила државата.

„Основното јавно обвинителство Струмица продолжува со преземање дејствија во насока на расветлување на случајот“, велат од обвинителството.