Кога сѐ беше завршено требаше да почекаме неколку моменти за да зачука срцето. Реагиравме за да го помогнеме овој процес и тоа се случи. Пресаденато срце работеше со очекуван ритам.
Ноќеска на Клиниката за кардиохирургија во Скопје за првпат во нашата земја е изведена трансплантација на срце, односно пресадување на овој орган од починат донор. Целата операција траела 6 часа и завршила во 2 часот по полноќ. Со неа беше трансплантирано срце во телото на 54-годишен пациент.
Тимот функционираше одлично
Операцијата за трансплантација траела околу 3 часа, а оперативниот зафат го водел проф. д-р Сашко Јовев од Клиниката за кардиохирургија.
-Имаме листа на пациенти на кои им е потребна трансплантација, која се прави според светски протоколи. Кога веќе имавме донор на срце, организацијата течеше многу брзо. Бевме подготвени за овој оперативен зафат. Прифативме да работиме со колегите од приватните болници и тимот функционираше одлично – вели д-р Јовев.
На трансплантацијата работеле и д-р Ванѓел Здравески, д-р Кјутим Џелили, д-р Тања Анѓушева, д-р Никола Христов, д-р Весна Миташова, д-р Јасмина Илиевска, д-р Марија Гераковска и д-р. Димче Славевски.
Постапката за првата трансплантација на срце во координација со министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче ја започнал и водел националниот координатор за трансплантација д-р Маја Мојсова-Мијовска. Таа со својот тим болнички координтори: д-р Билјана Андоновска, д-р Весна Дурнев и Адријана Георгиев од Министерството за здравство ја процесирале пациентката во мозочна смрт и ги направиле сите лекарски, технички и административни подготовки за да се започне со трансплантацијата на срце и бубрези.
Д-р Мојсова: Кога се работи експлантација сме многу тажни, но потоа со пресадувањето се добива поинаква смисла
– Кога работиме сме експлантација сме многу тажни зашто некој умира. Но кога ќе се пресади орган од починатиот, сѐ добива поинаква смисла – додава д-р Мојсова.
Фото: Министерство за здравство