Првиот авион на аеродромот во Скопје пречекан со „воден мост“

677

Првиот патнички авион кој пристигна на меѓународниот аеродром во Скопје по укинувањето на забраната за летови беше авионот на „Туркиш Ерлајнс“ од Истанбул.

Авионот долета од турскиот град во Скопје со 104 патници и членови на екипажот, а на нашиот аеродром беше пречекан со „воден мост“, авијациски поздрав за добредојде.

Веднаш после него пристигна уште еден авион од Истанбул – авионот на „Пегасус“ кој донесе 125 патници. Веќе воспоставени се и линиите со Бремен, Келн, Стокхолм и Ларнака, а во периодот кој следува ќе се враќаат и останатите „стари“ линии кои сообраќаат од и до скопскиот и охридскиот аеродром.

Секако, после тримесечната пауза поради коронавирусот, со повторното отворање на аеродромите пристигнуваат и нови правила, како што е дезинфекцијата на раце при влез во аеродромската зграда, носење на заштитна маска и одржување на дистанца.

Од скопскиот аеродром информираа дека денес, на првиот ден од реотворањето се очекуваат 28 летови со вкупно 1,700 патници.