Фолкерката Сања Цинцева или попозната во јавноста како Сања Барбика неодамна го промовираше видеото за темата „Барбика кралица“. Станува збор за песна со брз ритам, а истата наиде на низа коментари во јавноста. Токму тие коментари беа и повод за да поразговараме со Сања која за „Убавина и здравје“ одговори на неколку прашања.
Неодамна ја објави новата песна „Барбика кралица“ која што наиде на доста коментари,како позитивни, така и негативни. Што е поважно, што се коментира или кој коментира?
Јас лично сметам дека е важно и кој коментира, а и какви се коментарите. Точно е дека новата песна направи вистински БУМ и наидовме на разно разни коментари. Јас лично не ги делам на позитивни и негативни коментари, затоа што за мене секој коментар е позитивен, сигурно ќе ме прашате зошто така размислувам? Епа за некој да почне да коментира значи сме му привлекле внимание, а тоа е и нашата цел, да допреме до што повеќе слушатели. А за некои невкусни зборови што се пишуваат, тоа ќе оставам на нивната култура, искомплексираност и неиживеаност. Сепак да не заборавиме дека во животот се ќе ти простат, ама успехот никогаш. Дел од тие коментари знам дека се пишувани туку така, не дека тоа го мислат или чуствуваат. Ама ако, верувајте мене тие ми служат за мотивација и ми даваат до знаење дека сум на вистинскиот пат.
Станува збор за нов звук, нешто што многу потсетува на хитовите на твоите колеги од Србија. Дали ова е новиот правец по кој што ќе се движиш?
Точно дека станува збор за нов звук, ако не се лажам јас сум првата што применува ваков тип на музика во нашата држава и сум среќа за тоа што јас лично сум ги ставила темелите на нешто што допрва ќе биде тренд. Па за новиот правец ќе оставиме да каже самото време, се уште е рано да се коментира во кој правец планирам понатаму да ја движам мојата кариера, затоа што тоа зависи од многу фактори.
Паралелно снимаше и работеше и во соседна Србија, што се случува таму? Се исплатеа ли вложувањата?
Искуството во Србија за мене е од големо значење. Но тука нема да застанам, имам планови и понатаму да продолжам со вложувања затоа што дефинитивно се исплати, веќе имам и готови српски песни, но чекам да заврши се ова со Ковид – 19 ,па да направам промоција каква што доликува на такви песни кои што знам дека ќе станат хитови и ќе бидат многу слушани.
Што се случува на емотивно поле? Отсекогаш твојот љубовен живот беше пропратен со скандали? Намерно или случајно?
Па самата моја професија индирекно прави се да изгледа како скандал, мојот љубовен живот не е ништо поразличен од било која друга личност. Искрено понекогаш тие “скандали“ ми пречеа, а по некогаш ми беа толку смешни кога ќе прочитав нешто по медиумите па си велам ОК е, нека се зборува. Но, од друга страна при толку вложувања во својата кариера, при толку нови песни, спотови, настапи итн. малку ми пречеше што во медумите повеќе се пишуваше за некои измислени “скандали“ отколку за позитивните работи во мојата кариера, но јас веќе сум навикната и знам дека и тоа е дел од шоу бизнисот.
Ти пречи ли тоа што те викаат „Барбика“ и се доживуваш ли како таква?
Не воопшто не ми пречи, тоа веќе ми е уметнички прекар, многу ѕвезди во светот скоро никој не ги знае по нивното вистинско име, туку по уметничкото име. Ете кај мене таа додавка “Барбика “ дојде сама по себе природно уште во моите почетоци. А да бидам искрена и се дожуваувам како барбика ( ха, ха, ха) нели убава, згода, привлечна… така ми велат моите фанови…
Кога да очекуваме новитети?
Новитети има постојано и ќе има, Вие само следете ја мојата кариера па така ќе ги откривате моите новити, па се надевам дека и за нив ќе ја информирате јавноста.
Има ли излез од оваа криза со корона, претрпе ли големи загуби? Некои од твоите колеги почнаа да се занимаваат со други професии, имаш резервен план или остануваш доследна на музиката?
За излез од кризава ќе оставам да одговорат стручните лица од медицината, а јас лично претрпив големи економски загуби, еден куп настапи и турнеи откажани, но тоа е тоа… цел свет се соочува со овој глобален проблем и некако психички добро се носам, си дадов повеќе време на себе, на семејството, пријателите. Да, голем дел од колегите веќе бараат излез од економска криза во други професии. Јас лично веќе некое време сум повторно во формалното образование и учам медицина, во фамилијата веќе имам медицински работник па некако покрај музиката ме влече и таа професија и затоа се решив да почнам да учам медицина и не е исклучена опцијата еден ден да облечам на мене бел мантил. Сепак медицината е најхуманата професија и ќе ми биде мило доколку еден ден знам дека сум помогнала на луѓето.