Француски турист е казнет со повеќе од илјада евра парична казна откако се обидел да ја напушти Сардинија со повеќе од четири килограми песок земен од локална плажа на италијанскиот остров.
Идиличниот бел песок на италијанскиот остров е заштитен, а сите туристи кои се обидуваат со себе да понесат песок ги очекуваат високи парични, па дури и затворски казни.
Неименуван Французин бил уапсен на аеродромот „Каљари Елмас“ на 1-ви септември оваа година откако во неговиот багаж биле пронајдени четири шишиња во кои имало 4,4 килограми од заштитениот песок, пренесува „СиЕнЕн“.
Шишињата со песок се запленети и се наоѓаат во локалната полициска станица каде што во текот на годината се собираат големи количини на песок кој туристите се обидуваат да го понесат со себе дома.
Инаку, во 2017-та година беше воведен регионалниот закон со кој се забранува земањето на песок од плажите на островот Сардинија.
Казните се движат од 500 до 3 илјади евра, во зависност од земеното количество на песок, а воведени се поради зачестената пракса на туристите со себе дома да понесат песок. Посебно на „мета“ се волшебните плажи со бел и розов песок кој неретко подоцна се продава на интернет како сувенир.