Медицинските сестри заминуваат во странство поради ниските плати

983

Македонија се соочува со сериозен недостиг од медицински сестри. Во јавните здравствени установи значително е намален бројот на сестри, акушерки и инструментарки, кои бараат повисоки плати и подобри услови за работа. Токму поради овие причини тие заминуваат на работа во странство.

Во Европа, нормите предвидуваат над 600 сестри на 100 илјади граѓани, а во Македонија има 350. Затоа одливот на сестри треба да се спречи преку подобрување на условите за работа и зголемување на платите.
Како што се пожалија медицинските сестри, нивните плати подолго време не се зголемени, нема степенување во платите, нема мотивација, а условите во кои тие работат не се секаде исти.

За овие состојби веќе подолго време реагираат сестрите. Тие укажаа на проблемот и пред почетокот на редовното годишно Собрание на Комората на здравствени работници на Република Македонија, каде претседателот на Националното здружение на медицински сестри, техничари и акушерки, Велка Гавровска Лукиќ, потенцираше дека медицинските сестри заминуваат во странство да работат поради ниските плати.
Според неа, оваа професија треба да биде заштитена и респектирана, бидејќи многу сестри заминале и во приватното здравство.

– Мора да се знае кои се компетенциите, тоа мора да се определи. Не може сите да работат исто и исто да бидат платени. Не може да не се признае неформалното образование кај сестри, мислам на постари сестри кои се специјализирани во одредена група и се ментори на работното место на помладите сестри. Мора да бидат мотивирани и наградени. Предложивме измени во Законот за здравствена заштита. Најавено е дека во 2019 година ќе има измени во каталогот на занимања – појасни Гавровска Лукиќ.

Претседателот на Комората на здравствени работници, Борис Георгиевски посочи дека обезбедувањето квалитет на здравствените услуги, подобрување на континуираната едукација на своите кадри, обезбедувањето квалитетна лиценца и лиценцирање на своите кадри во и надвор од Македонија, како и усогласување на законските обврски се приоритет во натамошните активности на Комората на здравствени работници на Република Македонија.

Посочи дека во рамки на редовното годишно Собрание на Комората ќе биде избран нов претседател на таа институција, извршен и надзорен одбор и одбор на честа.

Според него, македонското здравство после сите падови и успеси секогаш е во дел од предизвикот да обезбеди квалитетна здравствена заштита за сите.
Комората брои повеќе од 10.000 членови и бара Министерството за здравство да ги префрли стручните испити и издавањето лиценца во рамките на нивната комора.