ДОМИНИК ТИМ ГО ОСВОИ ЈУ-ЕС ОПЕН ПО НАЈГОЛЕМИОТ ПРЕСВРТ ВО ПОСЛЕДНИТЕ 71 ГОДИНА

586

Доминик Тим влезе во клубот на освојувачи на гренд слем титула откако со историски пресврт го совлада Александер Зверев со 3:2 во финалето на Ју-Ес опен.

Дваесет и седумгодишниот Австриец досега трипати губеше во финалето на гренд слем турнирите и се чинеше дека е на прагот на уште еден пораз откако Зверев ги доби првите два сета со 6:2, 6:4 и во третиот сервираше за победа. Тим ги доби следните три сета со 6:4, 6:3, 7:6, правејќи го најголемиот пресврт во финалето на Ју-Ес опен во последните 71 година и победата на Панчо Гонсалес.

„Би сакал денеска да имаше двајца победници, двајцата заслуживме да победиме“, изјави Тим.

Тој стана прв нов освојувач на гренд слем титула од триумфот на Марин Чилиќ на Ју-Ес опен во 2014 година, искористувајќи ги отсуството на Роже Федерер и Рафаел Надал и претходната суспензија на фаворитот Новак Ѓоковиќ. Надвор од големата тројка, гренд слем титула во меѓувреме освои само уште Станислас Вавринка.