Поранешниот претседател на Уругвај, Хозе Мухика, познат и како “најсиромашниот претседател на светот”, ја одбил пензијата која му следи за времето поминато во уругвајскиот сенат, пренесува “BBC”.
Мухика во вторникот поднесе оставка од местото на сенатор, на кое се наоѓаше од крајот на својот претседателски мандат во 2015 година. Како што вели тој, “уморен е од долгиот пат” и не сака да остане на таа позиција, иако мандатот му истекува дури во 2020 година.
Тој ја поднел оставката до претседателката на сенатот, Луција Тополански, со која е во брак веќе 13 години.

“Мотивите за оставката се лични, би го нарекол тоа умор по долгото патување. Секако, додека функционира мојот ум, не можам да се откажам од солидарноста и борбата за идеја”, порачал Мухика во своето писмо.
Во оваа прилика, поранешниот претседател се извинил до било кој колега кој го повредил во минатото.
За време на својот претседателски мандат, 83-годишниот Мухика го донираше поголемиот дел од својата плата во добротворни цели.

Единствено нешто што поседуваше кога ја презема должноста шеф на државата беше автомобил “Фолксваген буба” од 1987 година. Овој автомобил стана толку познат што во 2014 година му беа понудени милион долари за него, но Мухика го одби предлогот со образложение дека ако го продаде возилото ќе нема со што да го превезува неговото куче кое има три нозе.
Вели дека иако можеби делува како ексцентричен старец, сепак таквиот начин на живот е негов слободен избор и дека по оставката планира повеќе време да минува на неговата фарма.