Во Словенија ситуацијата сѐ посериозна, втор ден над 300 нови случаи

839

Во Словенија епидемиолошката состојба станува сѐ посериозна бидејќи втор ден по ред се евидентирани над 300 нови лица заразени со коронавирусот, пренесе Хина.

Во последните 24 часа во Словенија се потврдени 362 инфекции со коронавирусот, што е нешто помалку од вчерашните рекордни 387, изјави утрово владиниот портпарол Јелко Кацин за словенечката телевизија.

Од денес, во Словенија е во сила одлуката на владата да забрани собирање на повеќе од десет лица во јавни и приватни простории. Продавниците, поштата и сличните институции мораат да обезбедат дека во исто време нема повеќе од едно лице на 20 квадратни метри. Воведени се ограничувања за работата на баровите и рестораните, кои ќе можат да ги опслужуваат гостите само на маси, со потребното растојание, додека исто така се забранети приеми и собири каде што се служат храна и пијалаци.

Министерот за внатрешни работи Алеш Хојс синоќа изјави дека доколку новите мерки не го дадат посакуваниот резултат во наредните денови и бројот на нови инфекции не падне, тогаш владата ќе разгледа построги мерки и препораки, а можно е постепено да се затвораат фризерските салони и слични дејности, како што беше пролетва за време на првиот бран на епидемијата.

Хојс потврди дека попладнево по барање на премиерот Јанез Јанша ќе се одржи и состанок на Советот за национална безбедност, на кој ќе се разговара за епидемиолошката состојба, која е сериозна.

На прес-конференција во почетокот на неделата Јанша ги повика граѓаните да бидат одговорни и солидарни преку строго почитување на епидемиолошките правила, велејќи дека тоа ќе биде еден вид социјален тест, и дека во случај на драматично влошување на состојбата и влегување на Словенија во т.н. црвена зона се ризикува затворање со сите социјални и економски последици, што треба да се избегне.

Според планот потврден од владата оваа недела, Словенија би влегла во т.н. црвена зона и повторно би прогласила епидемија кога бројот на заразени на сто илјади жители за 14 дена ќе надмине 140, и кога ќе има повеќе од 250 заболени во болниците, од кои 50 потешко. Во тој случај, ќе бидат потребни подрастични мерки, кои може да се избегнат со дисциплинирано однесување.