Отворање на 9. Школа за млади лидери

921

Претседателот Ѓорге Иванов денеска ќе се обрати на свеченото отворање на Школата за млади лидери, што на негова иницијатива по деветти пат ќе се одржи во Струга, од 20 до 31 август.

На свеченото отворање, покрај претседателот Иванов, предвидено е свое обраќање да има поранешниот претседател на Република Латвија, Валдис Затлерс. На годинешната школа ќе учествуваат триесетина реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Република Македонија, Европа и светот кои ќе ги пренесат своите знаења, искуства и видувања за лидерството на вкупно 40 учесници на школата.

Оваа година програмата на школата ќе биде фокусирана на најдобрите практики и знаења за развој на еко-системи за поттикнување на старт-ап, мали и средни претпријатија, како и деловното истражување и иновациите воопшто.

Школата за млади лидери е лична иницијатива на претседателот Иванов. Досега се организирани осум интензивни тренинзи за лидерство – вo 2010, 2011, 2012, 2013, 2014, 2015, 2016 и 2017 година. Идејата на претседателот Иванов е да се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.

Програмата на школата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.

Макфакс