Претседателот на Киргистан дал оставка: „Не сакам да останам запаметен како некој кој пукал на сопствените граѓани и пролеал крв“

556

Претседателот на Киргистан, Соронбај Женбеков одлучил да поднесе оставка.

„Не се држам за власта. Не сакам да останам во историјата на Киргистан како претседател кој пролеал крв и пукал на сопствените граѓани. Поради тоа одлучив да дадам оставка“, се наведува во соопштението на сајтот на претседателот.

Како што навел, за жал, ‘агресијата не стивнува’, а моменталната ситуација е на раб на конфликт.

Тој го повикал премиерот и другите политичари да ги повлечат своите поддржувачи од главниот град и да го вратат мирниот живот.

На 10-ти октомври беше воведен полициски час во главниот град на Киргистан, додека во петокот беше воведена вонредна состоба. Војската влегла во Бишкек, влезот и излезот на граѓаните бил ограничен, продажба на алкохол била забранета по 18 часот, како и сите масовни настани, вклучително и митинзи.

Политичката криза во земјата трае од 5-ти октомври, кога во Бишкек започнале конфликтите на опозициските партии, кои не се согласувале со резултатите од парламентарните избори на 4-ти октомври.

Во меѓувреме, изборите се поништени, а Централната изборна комисија соопштила дека новите ќе бидат распишани во рок од две недели.