Поранешниот Потпретседател на ВМРО- ДПМНЕ, а сега актуелен градоначалник на Кавадарци, нема да го одржи најавениот мирен протест пред седиштето на партијата во понеделник , со цел повикување за оставка на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој за весникот ВЕЧЕР вели дека ваква одлука е донесена утрово, по консултации со Министерството за здравство и со Комисијата за заразни болести.- Оценето е , вели Јанчев дека во ова време на пандемија, голема е опасноста од вакви собири, а за истиот што беше планиран за во понеделник веќе имаше интерес од над 3000 луѓе.Затоа решивме, протестот да го одржиме на еден поинаков начин и притоа да ја пратиме пораката, а да ги запазиме здравствените протоколи. Пораката на Мицкоски ќе ја пратиме преку прес конференции на општинските комитети, со кои започнуваме од денеска, па во наредните денови, вели Јанчев.
Потенцира дека одлуката не значи дека се повлекува од намерата, напротив, порачува дека Мицкоски мора да ја остави партијата да работи и да престане да му овозможува на Зоран Заев и на СДСМ да работат против интересите на државата.
Инаку, Јанчев повика на мирен протест синоќа преку својот фејсбук профил: Митко Јанчев, претендент за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, повикува на мирен протест на 02.11.2020 година ( понеделник ) во 12 часот пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ ( Белата палата).
Протестот е со една единствена цел, повикување за оставка на Христијан Мицковски, напиша Јанчев на ФБ.
Јанчев преку медиумите ја најави својата кандидатура за лидер на партијата. Вели ќе се кандидира за лидер на ВМРО -ДПМНЕ бидејќи партијата оди во погрешен правец и бележи само порази на политичката сцена.
Според Јанчев мора да се прекине со праксата лидерот на партијата да биде избран или поставен од мала група луѓе и потоа тој да им биде должник и да работи за нивните интереси. Јанчев смета дека лидерот на ВМРО -ДПМНЕ треба да биде избиран со гласање на целокупното членство.
Со реакција на најавата на Јанчев се огласи Александар Пандов, претседателот на новоформираниот патриотски институт на ВМРО-ДПМНЕ, го предупреди Јанчев, дека на најавениот протест во понеделник ќе донесе партиски членови во исто време и во исто место за време на протестот пред партиското седиште во Скопје.
-Не се плашивме од најавата на Пандов. Тоа би било многу луѓе на едно место и состојбата би мижело да излезе од контрола. Одлуката ја донесовме исклучиво со цел да ги почитуваме здравствените протоколи, вели Јанчев во изјава за весникот ВЕЧЕР.
За оградувањето од протестот кое утрово преку ФБ го упати Општинскиот Комитет на ВМРО ДПМНЕ Кавадарци, Јанчев вели дека се работи за наредба од Скопје, од ЦК на партијата, и дека тие биле принудени тоа да го објават.
„ Наместо полноќни статуси на Јанчев сметаме дека местото за протест е онаму каде седи причината за сите проблеми на граѓаните, а тоа е Владата на Зоран Заев. Оттука ВМРО-ДПМНЕ како партија која се бори против политиките на Зоран Заев кои нанесуваат штета на државата очекува свој придонес во падот на оваа власт да даде и Митко Јанчев. За сите негови останати размисли ВМРО ДПМНЕ е демократска партија со легитимно избрано раководство и постојат начини и процедури тоа да биде дискутирано“ – стои во обраќањето на фејсбук страната на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци.
Јанчев беше потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, но поради своите јавно искажани ставови , беше разрешен од таа функција во партијата.