Убедливата победа над Финска беше само предигра за Македонија за она што синоќа го покажа во Шафхаузен, против домашната селекција на Швајцарија. Нашата најдобра ракометна селекција извојува голема победа во квалификациите за следното Европско првенство, а покрај Кирил Лазаров еден од најдобрите поединци беше бекот на Хановер, Филип Кузмановски.
Популарниот Фитиљ по триумфот над Швајцарците (23-25) не го криеше задоволството од освоените бодови, а воедно и му се заблагодари на капитенот за големата поддршка која ја дава за репрезентацијата.
„Ова е многу важна победа. Исто така континуитетот на големите натпреварувања е многу важен за нас. Сакам да му се заблагодарам на капитенот што без разлика на годините е тука со нас и ни помогнува. Со него е тешко, без него уште потешко. Кога ќе се пензионира ќе ни треба време, но оптимист сум. Нема да биде лесно, пред нас ќе има голем притисок“, рече Кузмановски за „Balkan-Handball“.
Кузмановски и Лазаров големата победа над Швајцарија ја прославија со пиво и здравица. Капитенот зад своето име запиша шест гола, додека помладиот имаше два помалку.