„Пола Македонија ми се јави за повредата, а и да не можев против Грузија – јас ќе играв!“

699

Македонија има таков борец на теренот во Аријан Адеми, кој за националниот дрес иако не е роден тука (по потекло е од Македонија) е подготвен да изгине до последна секунда, па капитенот на загрепски Динамо, три дена после историскиот успех со пласманот на ЕП, откри мали тајни од периодот кога не истрча на теренот против Истра, па цела држава се тресеше дали ќе игра во Тбилиси.

Адеми е еден од клучните наши фудбалери, играч кој носи стабилност во средниот ред, играч кој би посакал секој тренер, зашто буквално брилјантно си ја завршува работата и задачите. А, тој од Загреб после мечот со Истра кога го повреди бутот на загревање, дојде повреден. Но, како и секогаш, стисна заби, одигра повеќе од еден час во тешката битка во Тбилиси и сега ужива во фантастичниот успех со македонската репрезентација.

„Кога не истрчав против Истра, а бев најавен да играм, пола Македонија ми се јави да праша што се случува. Такви работи ти даваат дополнителен мотив. Гледаш колку те ценат и те почитуваат и мое беше да им вратам. Имав некои проблеми, ама шансите да играм против Грузија да беа и еден отсто – јас ќе играв!“, вели Адеми.

Пред шест години наместо за Хрватска, ја избра Македонија и сигурно едно „сто пати“ посочил дека никогаш не зажалил што го облекол црвено-жолтиот дрес, а сега дочека да биде еден од бесмртните во македонскиот фудбал како дел од генерацијата која прва успева да обезбеди пласман на едно големо натпреварување.

„Во Динамо има многу репрезентативци и често со доза на љубомора гледав кога одеа за репрезентацијата на големи настани, а сакав и јас тоа да го почувствувам, да видам како изгледа и ете и мене ми се случи. Чувството? Феноменално! Вредеше буквално секоја секунда од трудот и од секое откажување. Таа среќа и задоволство на народот во Македонија после овој пласман, тоа со зборови не се опишува“, додава Адеми.

Капитенот на националниот тим, Горан Пандев го даде голот за историја во калчолигашката акција и тики-таката на триото од Чизмата, а тој гол ја однесе Македонија на ЕП.

„Не можам да ви опишам колку ми е драго за Пандев, зашто имаше страшна кариера и знам колку силно сакаше нешто да направи со репрезентацијата. И на крај успеа во тоа, на начин каков што само може да се посака – даде гол за да нѐ однесе на Евро. Ми се чини дека е баш како виното – што постар, тоа подобар! Горан е одличен карактер, сјаен фудбалер и одлично се согласуваме“, заврши Адеми.