Захариева: Не може да сакаш во ЕУ, а да го славиш Тито

946

Ако продолжиме да ги затвораме очите пред фактот дека државата продолжува да се развива според начинот замислен од Тито и Сталин, и вршиме работа на Москва, вели бугарската министерка

Нема како да кажеме „да“ за почеток на преговори на Северна Македонија со ЕУ во оваа фаза, вели бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во настап на БТВ.

Таа го повтори ставот дека македонската страна не ги исполнува обврските од Договорот за добрососедство и дека не е подготвена за старт на преговори.

„Ние велиме ‘не’ за почеток на преговори, а не за членство на Северна Македонија во ЕУ. Бугарската политика отсекогаш била ориентирана кон поддршка на земјите од Западен Балкан за идно членство во Европската Унија, но не веруваме дека во овој момент тие се подготвени и ги исполнуваат условите за почеток на преговорите“,

вели Захариева.

Таа посочи дека никој не го оспорува правото на самоопределување, но дека не смее ова право да се заснова на „омраза, кражба на историја и негирање на Бугарија“.

„Целата нивна државна политика продолжува да се базира на омраза кон соседна земја и нејзините луѓе. Нема како да кажеме ‘да’ во оваа фаза. Ќе продолжиме да помагаме, но нашата поддршка за членство во ЕУ никогаш не беше безуловна. И тоа не е ништо ново“,

рече Захариева.

Захариева вели дека македонската политика продолжува да ги следи идеалите на Тито и Сталин, а со тоа и се прави услуга на Русија.

„Не може од една страна да сакаш да си во ЕУ и да го демократизираш општеството, а истовремено да го чествуваш еден од најмрачните диктатори – Тито. Ако продолжиме да ги затвораме очите пред фактот дека државата продолжува да се развива по начинот замислен од Тито и Сталин, и вршиме работа на Москва“,

рече Захариева.

Минатата недела Захариева по состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите од Берлинскиот процес, со кој копретседаваше со министерот Бујар Османи, рече дека Бугарија е подготвена да ја преземе одговорноста за блокада на С Македонија и евентуалните странски импликации потоа.

Министерот Османи, пак, изрази надеж дека ќе биде послушан повикот за разум за надминување на отворените прашања меѓу двете земји.