Украдената марихуана од Валандово, завршила прошверцувана во Косово- тврди Заев. Во кражба на канабис во Крушево вмешан и близок на заменик министерот во МВР?

554

-Еден дел од тоа што беше украдено во гевгелиско-валандовскиот регион веќе е откриен во областа на Арачиново, еден дел е во Косово. Се работи со службите за да се стигне до крај и да се иведат одговорните пред лицето на правдата, истакна премиерот Зоран Заев за оваа истрага за која смета дека МВР ја води ефикасно и дека треба да се остави да ја заврши работата.

Ова е првпат некој функционер да соопшти детали и да потврди дека голем дел од околу 2 тони украдената марихуана, (преработена и спакувана) завршил надвор од границите на државата. Од МВР и од обвинителството досега соопштуваа дека не се даваат детали поради тоа што истрагата се уште тече.

Поднесена е кривична пријава против 6-мина, а полицијата товари уште двајца за кои досега нема истрага. Обвинителството пак соопшти дека крадците се водат како непознати, а останатите 6 осомничени купиле камион, му ставиле фалисфикувани таблички и ја пренесувале украдената марихуана. Камионот за транспорт е најден на паркинг на патот кон граничниот премин Блаце, односно успеал да премине од едниот до другиот крај на државата.

Крадците пак биле вооружени и маскирани кога упаднале во складот во Јосифово и го затвориле единствениот чувар во просторија во фабриката. Тие засега не се откриени, покажуваат досега јавно објавените податоци на обвинителството.

Од украдените речиси два тони, во Арачиново, односно во селото Мојанци најдени се само 231 килограм марихуана. Министерот Спасовски, но и обвинителството не одговорија дали имаат сознанија каде е поголемиот остаток од канабисот се до денешното „признание“ на премиерот кој одговараше на новинарско прашање и откри дека и фирмите кои произведуваат марихуана се проверуваат дали се придржуваат кон строгите безбедносни законски обврски откако вчера беше откриена уште една кражба на произведена марихуана овојпат во Крушево. Украдени биле 60 килограми марихуана од погон за канабис.

Прашање: Вчера во Крушево беа уапсени тројца, меѓу кои и македонски државјанин за кои Алсат има информации дека е близок роднина на заменик министерот за внатрешни работи Назиф Буши. Ќе разговарате ли со него и ќе побарате ли некаква морална или политичка одговорност за случајот? Или евентуално кривична?

З.Заев, премиер: Сум информиран дека се случуваат вакви девијантни појави. Ова (Крушево) е втор таков случај. Веќе постапува комисијата за издавање на лиценци која направи детална контрола, покрај она што го прави МВР. Јас првпат слушам за кои луѓе се инволвирани. Впрочем, не е важно кои се инволвирани, ако се инволвирани тие треба да си одговараат без разлика кои се и со кого се поврзани, важни или неважни личности во државата.