Фудбалската репрезентација на Македонија го оствари најголемиот успех, се пласира на Европското првенство (ЕП) кое ќе се игра во 2021 година, но по историскиот натпревар, нејасна е иднината на авторот на тој успех – Игор Ангеловски.
Селекторот на фудбалерите донесе нешто за кое целата нација сонуваше. Воигра тим, направи константност и со добри резултати донесе место на ЕП. Неговиот договор со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) е до 31 декември 2020 година, па јавноста е во исчекување – каква е неговата иднина?
Претседателот Мухамед Сејдини најави дека ќе се разговара со Ангеловски за евентуален нов договор по Нова година. Но, зошто се чека „пет до дванаесет“? Ова прашање требаше да биде решено многу поодамна. Од сите селектори се бараат резултати, а популарниот Мрме ги има „црно на бело“, тоа се пласман на ЕП 2021, најдобар настап во едни квалификации, највисок процент на победи, офанзивен и допадлив фудбал, игра на гол повеќе…
Наместо да се донесе инстантна одлука, се чека на Управниот одбор да се состане, па да разгледува, да анализира… Ангеловски дефинитивно не заслужи таков третман! Да беше некој друг селектор, без резултати и респект кај фудбалерите, ќе се сфатеше одлуката да се донесе на таков начин. Но, наместо како најуспешен да добие награда, Ангеловски е оставен да чека во неизвесност. И тоа уште од натпреварот против Грузија во Тбилиси, кога речиси сите медиуми посочија дека време е да се додели награда за сработеното.
А, она што исто така засега е дека сите учесници на ЕП веќе почнаа да ги дефинираат плановите за подготовки. Македонија е дебитант на големата сцена, а не смее да се дозволи првиот настап на континенталниот собир да биде засенет со таканаречен скандал, кој би ја нарушил и атмосферата во националниот тим.