Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски денеска ги предупреди угостителите дека инспекторите засилено како и досега, ќе бидат на терен и за време на новогодишните празници и дека ќе казнуваат кога ќе откријат незаконско работење.
„Контролите и за новогодишната ноќ ќе продолжат исто како досега. Инспекторите се на терен седум дена во неделата, а не како порано што кажуваа 24/7, но има инспектори кои и по 12 или 14 часа се на терен. Толку имаме луѓе, сите се ангажирани. Верувам дека и новогодишните празници најголем дел од нив ќе ги поминат на терен. Затоа упатувам апел до сите што мислат да ги нарушуват протоколите, да се воздржат, бидејќи тоа е во интерес на сите граѓани“, изјави Пауновски по отворањето на новата канеларија на Инспекторатот во овој град.
„Ако Владата направи закон што ќе дозволи да казнуваме врз основа на слики и снимки, ние сме тука. Но, нашата надлежност засега е сами да воочиме и затекнеме нарушување на законските прописи“, додава Пауновски.
„Од спроведените инспекциски надзори во трговски објекти може да се констатира дека во глобала овие мерки се спроведуаваат од страна на трговците. Околу прашањето за казните и нивната висина можам да кажам дека во целина тие содејствуваат со тежината на сторениот прекршок. За оние што ги повторуваат прекршоците сметам дека и изречените казни треба да бидат повисоки, но сепак нашата цел не е само да казнуваме туку субјектите да сфатат дека треба да работат законски. Имаме чести случаи на субјекти кои ја повторуваат грешката и кои не ја сфатиле пораката со казната или, пак, мислеле дека со плаќањето на казната можат да си продолжат да работат по старо. Сепак, сите субјекти што сме ги казниле, намерно повторно ги контролираме за да видиме дали ја сфатиле грешката и дали сега работат законски“.