„Тренерката е знак на животен пораз“: Легендарни изјави на Карл Лагерфелд кои засекогаш ќе ги паметиме

461

Поминаа речиси 2 години откако нѐ напушти легендарниот германски дизајнер и визионер, но неговите дела и мисли за модата продолжија да живеат.

На 19 февруари 2019 година, на 86-годишна возраст почина еден од најпознатите дизајнери на денешницата, големиот Карл Лагерфелд, кого медиумите и обожавателите од милост го нарекуваа „Каисер Карл“.

Социјалните мрежи и медиумите и денес се преплавени со спомени од овој енергичен човек кој цели 36 години работеше на тоа француската модна куќа „Шанел“ да остане недопирлива тврдина на луксузот и елеганцијата, недопрена од сите минливи трендови и промени во модната индустрија.

Кога ќе застанете и размислите, можете ли да се сетите на дизајнер кој во ова променливо модно време успеал да остане толку долго на својата позиција како што тоа е случај со германскиот дизајнер? И тоа во куќа која не го носи неговото име и која тој не ја основал.

Лагерфелд беше незаменлив во својата амбиција, креативност, желба и непресушна енергија со која креативно ги водеше „Шанел“, сопствениот моден бренд „Карл Лагерфелд“ и италијанската модна куќа „Фенди“. Беше познат како брутално искрен човек, некогаш на граница на навредлив, па неговите изјави често знаеја да ја шокираат јавноста и да предизвикаат остри реакции.

Без влакна на јазикот, Карл ја критикуваше секоја појава што не му се допаѓаше, а една од неговите легендарни изјави е дека „тренерката е знак на животен пораз и дека луѓето што ја носат, се имаат откажано од себеси“.

Во продолжение можете да прочитате уште неколку негови изјави кои засекогаш ќе ги паметиме:

„Сакам постојано одново да се измислувам. Тоа е дел од мојата работа“.

„Не барајте потврда во другите, ако сакате да останете ментално стабилни“.

„Желба ми е сите да носат што сакаат и да го стилизираат тоа на свој начин. Тоа значи да се биде модерен“.

„Да се чувствуваш младо произлегува од начинот на живот, не од датумот на раѓање“.

„Многу сум приземјен. Само што не сум на оваа земја“.

„Никогаш не велете дека нешто е евтино. Денес сите можат да изгледаат шик во облека која не е скапа (и богатите ја купуваат). Добриот дизајн денес постои во секоја категорија и можете да бидете најшик личноста во просторијата во обична маица и фармерки“.

„Никогаш немојте премногу да се жртвувате за нешто бидејќи ако го направите тоа, нема да имате што повеќе да дадете и никому нема да му биде грижа за вас“.

„Кога луѓето сакаат да бидат сакани поради она што го прават, време е да престанат да го прават тоа“.

„Модата се движи напред, не живее за спомени“.

„Уникатноста почнува таму каде што престанува споредбата“.

„Сакам брзо да објавувам работи бидејќи сѐ ми станува здодевно“.

„Суетата е најздравата работа во животот“.

„Она што најмногу го сакам во животот е – нов почеток“.

„Промената е единствениот начин да преживеете“.

„Зошто би престанал да работам? Ако го направам тоа, ќе умрам и сѐ ќе биде готово“.

„Црното и белото секогаш изгледаат модерно, што и да значи тој збор“.