Обилните дождови во Албанија довеле до излевање на реки, па така во општината Скадар поплавени се 1.900 хектари земјоделско и друго земјиште.
Бројни патишта се исто така поплавени поради што многу области се блокирани, а на некои делници длабочината на водата е над 80 центиметри, пренесува албанскиот портал “ABC”.
Многу села останале без вода за пиење и струја. Како што се наведува, денеска до жителите на тој дел на Албанија треба да дојдат пакети со храна и друга помош.

Поплавени се големи делови од општината Леж, дури 6.200 хектари, а евакуирани се 37 семејства, пренесува порталот “Exit”.
Се додава дека надлежните служби и натаму се во приправност.


